Шаќири: Социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“ дава одлични резултати

 

Во рамки на четвртиот циклус на социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“,  министерот за образование Јетон Шаќири денеска во Струга истакна дека МОН заедно со партнерски организации работи на унапредување на средното стручно образование, кое добива пазарна ориентација.

Целта на кампањата е утврдување на реалните потреби на стопанството за стручен кадар и креирање наставни програми за средно образование соодветно на барањата.

-Тоа значи дека средните стручни училишта реализираат наставни програми за кои локалните компании искажале потреба. Притоа, дел од наставата се изведува во реални производствени услови и учениците низ практична работа стекнуваат потребни знаења и вештини што по завршувањето на средното образование им овозможуваат лесно вклопување во работните средини. Но, исто толку успешно, овие средношколци можат да продолжат во високото образование, рече Шаќири.

Како што соопшти МОН, Шаќири истакна дека е успешна реформата на средното стручно образование, во чии рамки секоја година се реализира кампањата „Учи паметно, работи стручно“, затоа што е резултат на интензивен дијалог меѓу локалните самоуправи, бизнис-заедницата, Центарот за стручно образование и обука, партнерските организации и Министерството за образование и наука, вклучително и наставниот кадар.

-Почетните осум средни стручни училишта каде имаше дуални паралелки, оваа учебна година се зголемија на 61 училиште. Од 11 паралелки во кои се реализираше дуалното образование во учебната 2020-2021 година со вкупно 98 ученици, во оваа учебна 2022-2023 има 225 вакви паралелки, со над 3300 ученици. На почетокот само 16 компании гледаа перспектива во учењето на младите преку практична работа, а годинава средношколци го учат занаетот во дури 450 компании, рече Шаќири.

Тој нагласи дека реформата на средното образование продолжува се до целосна синхронизација со пазарот на труд, затоа што тоа е во најдобар интерес на младите и на државата.

10.02.2023 - 18:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега