Шаќири: Реформата на образованието го намалува родовиот јаз

Незаменлива е улогата на жените во научно-технолошката сфера а со тоа и во развојот на заедниците каде работат и живеат. Еден од клучните принципи врз кои се темели реформата на образовниот систем во Македонија е родовата рамноправност. Немаат девојчињата помала способност за наука и истражувања споредено со момчињата. За да овозможиме раст и развој на секое дете во согласност со неговите автентични склоности и интересирања, почнуваме од основата – обуките на наставниците, потоа преку реализирањето на наставата како и училишните и вонучилишните активности, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел дискусијата по повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката 11 февруари, организирана по иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска.

Нагласувајќи дека сѐ почнува од интересот и желбата на ученикот, Шаќири посочи дека образованието е тоа што дава поттик за развивање на афинитетите.

„Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија спроведува политики кои водат кон развој на човечкиот капитал. Колку и да сме критички настроени, податоците велат дека нашата држава е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи, како што покажува последниот извештај на УНЕСКО. Ова е во голема заслуга на системот на образование, што ние се трудиме да го издигнеме скалило погоре“, укажа министерот.

Воспитно-образовниот процес обрнува посебно внимание на талентираните ученици. Тие и нивните ментори добиваат континуирана поддршка, функционира системот на стипендирање и наградување, ги јакнеме компетенциите на наставниците за препознавање на талентираните ученици, делуваме преку модернизирање на наставните програми и јакнење на образовната инфраструктура, а придонесува и системот на натпревари. При тоа, можностите се подеднакво отворени и за момчињата и за девојчињата.

Средношколците кои ќе запишат студии од прв, втор или трет циклус на домашните или на престижни странски универзитети, добиваат стипендии и финансиска поддршка од буџетот на МОН но, имаат и можност да користат стипендии за студирање и научно – истражувачки престој во други земји. Северна Македонија активно учествува во размената на студенти преку ЕРАЗМУС програмата.

Говорејќи за буџетската поддршка насочена кон подобрување на условите за научно-истражувачка работа, министерот Шаќири рече дека се финансираат научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес и исто така се вложува во развој на лабораториски ресурси.

07.02.2023 - 17:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега