Сериозен безбедносен пропуст: Белата куќа по грешка му испратила воени планови на новинар

 

Белата куќа во понеделникот потврди дека главниот уредник на магазинот The Atlantic по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери посветени на нападите врз Хутите во Јемен, поддржани од Иран, пренесе „Гардијан“.
Ова несомнено се смета за еден од најсериозните безбедносни пропусти во поновата американска воена историја, пишува AFP.

„Во овој момент, серијата пораки наведени во статијата се чини дека се автентични и истражуваме како бројот е додаден по грешка“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност Брајан Хјуз.

Претходно во понеделникот, новинарот Џефри Голдберг во долга статија откри дека однапред добил, преку апликацијата за пораки Signal, детален план за нападот на 15-ти март извршен од американската војска против оваа бунтовничка група на шиитската заедница во Јемен.

„Секретарот за одбрана Питер Хегсет ми го испрати планот за напад“ два часа пред почетокот на нападот, вклучувајќи „прецизни детали за оружјето, целите и распоредот“, пишува Џефри Голдберг, главен уредник на престижното списание The Atlantic.

Новинарот објаснува дека сè започнало на 11-ти март, кога бил контактиран од советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, преку апликацијата за пораки „Сигнал“, многу популарна меѓу новинарите и политичките челници поради доверливоста (апликацијата ги енкриптира пораките и разговорите меѓу корисниците).

Два дена подоцна, следела порака којашто повикувала на „координација“ на акцијата против Хутите, а потоа следеле уште неколку пораки.

Џефри Голдберг објаснува дека во овој групен разговор учествуваат вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот ЏејДи Венс и директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA) Џон Ретклиф.

До 15-ти март Голдберг видел серија пораки од највисоките функционери на американската влада, вклучително и онаа од Пит Хегсет од 15-ти март, во кои се опишани претстојните напади.

Новинарот рече дека, додека не излегле првите информации за вистинските напади, тој „силно се сомневал“ во кредибилитетот на оваа група. Додаде дека не може „да верува оти советникот за национална безбедност на претседателот ќе биде толку непромислен за да го вклучи главниот уредник на „Атлантик“ во такви доверливи дискусии.

25.03.2025 - 00:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега