СДСМ: Обвинителството да го истражи и стажот на директорот на АНБ
Освен сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, за којшто медиуми и во Македонија и во Бугарија покажаа дека е фалсификат, Обвинителството треба да го истражи и стажот, велат од СДСМ.
„Документи доставени од свиркачи до СДСМ покажуваат сериозни пропусти. Според изводите од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, може да се оспори еден од клучните услови кој што е потребен а тоа е стаж од 5 години на раководна функција. Многу лесно може да се утврди дека го нема. Значи Христовски свесно употребил фалсификуван документ за да ја добие оваа позиција, што претставува кривично дело. Очигледно и свесно навел само години без прецизни датуми за неговиот стаж на раководни позиции. Затоа обвинителството треба да го истражи и овој аспект. Во контекст на овој скандал со партизација на АНБ, јавноста веќе е запознаена дека две директорки се казнети за лажни сертификати од истото место – компанијата Јулија ЦО ЛТД, од каде што е и сертификатот на Христовски“, се вели во соопштението на партијата.
Додаваат дека ова се сериозни законски и етички прекршувања кои бараат итна реакција од надлежните институции.
„СДСМ повикува Министерството за внатрешни работи веднаш да покрене кривична пријава против Христовски, а Јавното обвинителство да го расчисти случајот во најкраток можен рок. СДСМ ќе продолжи да инсистира на законитост и одговорност, за да ги зачуваме професионалците и функционалноста на безбедносните структури на државата“, додаваат од опозициската партија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа