Реорганизација на Клинички центар до крај на мај или почеток на јуни
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити велат дека укинувањето на организациските директори на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и тамошната реорганизација ќе остане за по изборите во мај. Во одговор на новинарско прашање Ковачевски денеска посочи дека процесот е почнат уште одамна, но биле спречени да го завршат поради, како што рече, повеќето кризи и предизвици.
- Скоро четири години сме прво во ковид криза, енергетска криза, економска криза, меѓутоа кога првиот момент кога капацитетите на медицинскиот кадар и кога капацитетите на Министерството за здравство влегоа во понормални води, министерот веднаш поднесе информација што едногласно беше усвоена во Владата. Повторно спојување и да имаме еден клинички центар во којшто ќе се знае одговорноста, обврските и надлежностите, низ една хиерархија којашто ќе биде договорена низ процесот на имплементација на оваа информација и соодветните заклучоци коишто се донесени, рече Ковачевски, на новинарско прашање по промоцијата на нова апаратура во Македонската академија на науките и уметностите.
Меџити рече дека останува посветен на ова прашања кое го смета за приоритет откако е поставен да го раководи ресорот здравство.
- Навистина безрезервна поддршка имаше премиерот кон мене како министер и кон сите членови на Влада. За ова главните борци бевме да го тераме до крај јас и премиерот и ова ќе биде реалност некаде до крај на мај или почеток на јуни. Нормално, течат сите процедури, треба да се спојат, 33 управни одбори, 33 медицински, 33 организациски директори. Веќе нема да дозволиме рековме од првиот ден здравството да биде во ваква состојба, сите наши планови се реализираат со конкретната динамика што ја имавме досега, рече Меџити.
На новинарско прашање што ако новиот состав на владата не го продолжи процесот премиерот Ковачевски кратко одговори дека ќе биде истата влада.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа