Раперот што пукаше во Меган ди Сталион осуден на 10 години затвор

 

 

Канадскиот рапер Тори Лејнс во вторникот беше осуден на 10 години затвор, повеќе од седум месеци по обвинувањето за пукање во својата колешка, музичката уметница Меган ди Сталион, за време на расправија пред три години.

Судијата Дејвид Херифорд  ја изрече казната за 30-годишниот рапер, чие вистинско име е Дејстар Петерсон, за време на сослушувањето во Врховниот суд во Лос Анџелес, кое беше одложувано во неколку наврати.

На 23 декември поротата го прогласи Лејнс за виновен за носење наполнето и нерегистрирано огнено оружје во возило, напад со полуавтоматски пиштол и пукање од огнено оружје со крајно невнимание.

Лејнс беше прогласен за виновен  дека ја застрелал раперката Меган ди Сталион (28), добитничка на „Греми“, повредувајќи ѝ ги стапалата по забава покрај базен во Холивуд Хилс во јули 2020 година.

На пукањето претходела расправија, која станала жестока кога двајцата почнале да си ги напаѓаат музичките кариери, изјави таа пред судот за време на двонеделното судење.

На Меган ди Сталион, родена како Меган Пит, ѝ требаа операција и физикална терапија за повторно да оди.

Таа не присуствуваше на рочиштето за изрекување на пресудата велејќи дека не може да поднесе да биде во иста просторија со Лејнс, но напиша изјава, која беше прочитана во судот во понеделникот, пренесува „Њујорк тајмс“.

„Не само што ме застрела, тој ја исмеа мојата траума“, стои во текстот. „Ова е изјава за сите преживеани дека нивните животи се важни и дека постои нулта толеранција за тортурата што го придружува насилството“.

10.08.2023 - 23:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега