Мицкоски: Индустриското производство во мај е зголемено за 9,4 проценти
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на индустриското производство во Македонија, изјави:
„Да, исклучително сме задоволни, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи оној период на стабилизација на македонската економија, сега е проследен со раст. Токму една од причините за таквиот раст е и работата на компании слични на Реплек, каде што сме денеска. Да го поздравиме сето ова што го прави менаџментот тука и да ги охрабриме да продолжат во таа насока.
Раст од 9,4% речиси двоцифрен раст на индустриското производство во мај, споредено со мај минатата година и раст на 9% на преработувачката индустрија во мај, е нешто коешто навистина за нас е многу значајно.
Исто така, можам да кажам дека ако се земе периодот од почетокот на годината заклучно со мај месец, значи првите 5 месеци споредено со истиот период лани, растот е над 3, мислам дека е 3,3%, а кај преработувачката индустрија 4,5%.
Така што можам слободно да заклучам дека периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, сега почнуваме преку овие индикатори да генерираме раст. Туризмот расте со повеќе од 20% и расте индустриското производство, растат инвестициите и така натаму. Ценам дека вториот квартал, би требало да имаме исклучително висок раст на македонската економија.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа