Манасиевски: Со рекорден буџет, започна пресврт во образованието по седум години „крах“
Сведоци бевме како изминативе 7 години, образованието беше урнисано, наставниот кадар омаловажен, а студентите и средношколците оставени сами на себе. Од ветувања како нов студентски град, нови студентски домови, вработувања на најдобри студенти, нови факултети, модерен образовен систем, дојдовме до тоа да години немаме учебници за учениците, да немаме стипендии за студентите, студентски домови со ладна вода и нехуман ентериер, наставниот кадар да не добие зголемување на плати. Едноставно дојдовме до крах во образованието, истакна на денешната прес конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
За само една година, со рекорден Буџет од 38 милијарди денари за образованието, почнавме да ги градиме темелите на промените.
Оние кои беа оставени сами на себе, сега се приоритет. Успеавме да обезбедиме во рекорден рок учебници за сите ученици, а за студентите го проширивме опсегот за субвенционираниот оброк. Успеавме да обезбедиме и средства од 2 милијарди денари за реконструкција на ФИНКИ и ФФК и 17 милиони евра за реконструкција на два студентски дома, а со 34 милиони евра ќе се модернизира универзитетот „Мајка Тереза’’.
Предизборното ветување за едносменска настава – почна да се реализира во над 150 училишта низ државава, со што се решава предизвикот со околу 5000 наставници кои немаат доволно ангажман во училиштата.
Ако претходно беа омаловaжувани, сега наставниците и професорите се приоритет. 12% повисоки плати за наставниот и стручниот кадар во основните и средните училишта, а 14% поголема плата за професорите на факултет. Да потсетиме дека до крајот на мандатот, платите ќе бидат зголемени за околу 60%.
680 милиони денари се издвоени за науката – што е рекорден износ и двојно поголем од 2024 година. Додека 274 милиони денари се одвоени за поддршка на иновативно научни – истражувачки проекти.
Ова е промената која му е потребна на образованието. Реални чекори за решенија на предизвиците со кои се соочуваме. Од срамно и уништено образование, кое нема факултет на Шангајската листа, ги градиме темелите на образованието. За нашите деца, за нашата младина. За сите оние кои треба да останат тука! Доаѓа времето на Македонија!, рече Манасиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа