Путин: Русија треба да го искористи пазарниот хаос за развој на својата економија
Рускиот претседател Владимир Путин ги повика државните функционери од економскиот сектор да ги искористат можностите што се појавуваат во глобалната економија поради пазарните потреси и заострувањето на трговските војни.
Русија, чија трговија со САД и Европската Унија значително се намали поради санкциите воведени заради војната во Украина што трае повеќе од три години, не беше погодена од американските царини воведени од претседателот Доналд Трамп кон повеќето земји.
И покрај санкциите, руската економија покажа подобри резултати од очекуваното во текот на тригодишниот конфликт, но сега земјата се подготвува за подолг период на пониски цени на нафтата, нејзиниот главен извозен производ, што ќе доведе до намалување на буџетските приходи, анализира Ројтерс, пренесува БТА.
-Светската економска ситуација се влошува поради значителните флуктуации на стоковните и финансиските пазари предизвикани од зголемената глобална конкуренција, рече Путин на средба со државни функционери.
Тој нагласи дека е неопходно не само да се следат овие фактори и да се предвидуваат промените, туку и да се искористат можностите за развој на домашното производство, трговските односи и извозот, со цел зајакнување на националната економија.
Ова беше првиот коментар на Путин за глобалната економска состојба по објавувањето на американските царини. Ројтерс потсетува дека Путин, кој води дипломатски преговори со Вашингтон за мир во Украина, повеќе пати ја пофали политиката на Трамп.
Средбата на Путин со претставниците на државната власт се одржа ден пред состанокот на Управниот одбор на Централната банка на Русија, каде ќе се одлучува за основната каматна стапка, која моментално е 21 отсто, највисока од раните години на владеењето на Путин. Централната банка и Министерството за финансии, чии раководители присуствуваа на средбата, предупредија за последиците од глобалните потреси врз руската економија.
Министерот за финансии Антон Силуанов вчера изјави дека Русија мора да ги зголеми фискалните резерви за да обезбеди тригодишно покритие на буџетските расходи доколку цените на нафтата останат ниски подолг период.
Путин призна дека буџетските расходи пораснале за 25 отсто во првото тримесечје од 2025 година, но истакна дека тоа е намерно направено за да се обезбеди навремена исплата на сите корисници на буџетски средства. Според документ на Министерството за економија, Русија ја намали прогнозата за приходите од извоз на нафта и гас за периодот 2025-2027 година, кои се главен извор за финансирање на државниот буџет, очекувајќи пад од 15 отсто оваа година поради пониските цени на нафтата.
Стапката на економски раст на Русија се очекува да се намали од 4,3 отсто минатата година на речиси 2,5 отсто оваа година. Путин ова го опиша како „меко слетување“, нагласувајќи дека е тоа дел од планот за борба против инфлацијата, која сè уште е над 10 проценти
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа