Преговорите за членство во ЕУ ќе бидат успешни само со вклучување на сите во процесот и со водење на инклузивна комуникација

 

Домашните, како и експертите со седиште во ЕУ, но со потекло од регионот сакаат и има што да понудат како директна поддршка на македонскиот евроинтеграциски пат, а целиот процес треба искрено да се комуницира со цел сите да се чувствуваат вклучени од самиот почеток - ова се заклучоците од јавниот настан насловен „Македонскиот евроинтеграциски пат - Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“.

Настанот, кој денеска се одржа во Скопје, имаше за цел и дебата со младите луѓе, а беше во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со YES Alumni – Програма поддржана од Стејт Департментот на САД. Говорници на настанот беа Александар Ивановски, директор во CFE Tax Advisers Europe и Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП. Модераторка и говорничка на овој настан беше Теодора Бошкова, алумнистка на YES Програмата.

Според Ивановски, кој е директор во Европска Асоцијација на даночни советници со седиште во Брисел, неопходно е државата да ги стави во функција сите ресурси кои стојат на располгање во земјата и надвор со цел да забрза процесот кој е во интерес на сите граѓани.

„Постојат експерти од земјава кои живеат и работат во ЕУ. Сите се на еден или друг начин македонски амбасадори во европските земји односно во Европската Унија. Но, да се помогне во напорите за членство во ЕУ е нешто за кое сите треба да се вложиме и да ја дадеме нашата поддршка во процесот. Постои воља, има луѓе, има знаење и најважно од се добра и искрена намера да се помогне“, рече Ивановски за време на јавниот настан насловен „Македонскиот евроинтеграциски пат - Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“.

Тој ја истакна одлична соработка која во континуитет ја остварува со ИДУЕП во делот на европските интеграции и доброто управување, потенцирајќи дека патот за членство кон ЕУ е неповратен процес, односно дека интеграцијата во ЕУ подразбира промена на начинот на кој работиме, функционираме, соработуваме. Исто така, според Ивановски, членството во ЕУ треба да подразбира национален консензус помеѓу сите општествени чинители, а пред се политичките партии, особено со оглед на геополитичките состојби и воените закани по мирот и стабилноста на целиот европски континент.

„Да ги земеме само за пример хрватското и словенечкото искуство во евроинтеграцискиот пат кое јасно ни покажува дека тие станаа членки на ЕУ затоа што во овој процес ги вклучија сите. Тука зборуваме за експерти - домашни и надворешни, граѓански организации, медиуми, академската заедница, студентските организиции, но првенствено и целокупната државна администрација која треба да го спроведе процесот и успешно да го комуницира со јавноста. Ова е многу комплексен процес и затоа е важно вака да се спроведе со цел да доведе до посакуваната цел“, вели Александар Ивановски на јавниот настан во организација на ИДУЕП и YES Alumni Програмата. 

За успешен процес на европска интеграција потребна е поддршка од граѓаните. А, за да ја добиете поддршката, неопходно е да комуницирате правилно со секој човек, односно да се погрижите да ги вклучите буквално сите заинтересирани страни во преговорите од почетокот па до крајот, истакна комуникологот и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, Бојан Кордалов.

„Како организација сакаме да ги ставиме на располагање нашата експертиза, потенцијали и контакти со кои располагање дома, но и во земјите-членки на Европската Унија. Преговорите се во интерес на секој граѓанин, а не процес на една политичка партија или влада. И тоа сите искуства ги покажуваат на земјите од регионот кои изминативе декади се приклучија на Унијата. Сметаме дека во овој дел е неопходно градење на платформа која ќе биде натпартиска и национална, која ќе дава еднаква шанса за вклучување на секого, односно првенствено градење на инклузивна комуникациска стратегија и платформа во која секоја личност ќе се чувствува добредојдена“, рече Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП.

Тој посочи дека директорот на Европската асоцијација на даночни советници, Александар Ивановски е еден од македонските, но првенствено европски ескперти, кои реално одамна се дел од Европската Унија, а е многу важно што и понатаму се ентузијасти и сакаат помогнат и да го дадат својот придонес.

„Во рамки на посетите и средбите кои ИДУЕП редовно ги остварува во Брисел, со него разговараме за можностите за вклучување и на многу други ескпертки и експерти со потекло од регионот кои сакаат да ни помогнат многу побрзо и посеопфатно да го изодиме патот на преговори за членство во ЕУ. И дефинитивно нивната експертиза ни е многу важна, секако првенствено во комбинација со сите човечки ресурси со кои веќе располагаме во земјата. Убеден сум дека Секретаријатот за европски прашања ги препознавa ваквите напори и можеме сите заеднички со поддршката од граѓаните и нашите меѓународни партнери да работиме на овие важни прашања“, вели Кордалов.

Тој додава дека доколку граѓаните почувствуваат дека процесот на преговори не е доволно широк, односно се води во кругот на истите актери, тогаш поддршката нема да биде можно да се зголемува. Кордалов истакнува дека работите од самиот старт може да постават правилно само и првенствено со градење и спроведување на комуникација базирана на вклученост на сите заинтересирани страни, односно само со икрена и отворена комуникација на фактите, како и градење на транспарентна врска со медиумите.

Алумнистката на YES Програмата, Теодора Бошкова смета дека сите млади луѓе во земјава заслужуваат европска иднина и можности какви што имаат нивните врсници од ЕУ.

„За секоја млада личност од огромна важност во периодот на развој е стекнувањето на различни искуства. Сметам дека црпењето на позитивни, па и негативни искуства од земјите во ЕУ, како и од САД, може да биде само предност за нас младите. На овој начин се отвараат повеќе и подобри можности за градење на иднина каква што заслужуваме. Тоа е европската иднина, каква што имаат нашите врсници од Европската Унија, сите заедно обединети во различностите кои носат напредок и позитивни промени за секоја личност“, истакна Бошкова, која во моментов работи и како млад професионалец за односи со јавност.

Таа посочува дека младите се столбот на секое општество, па затоа мора да бидат и најважната алка која е неопходно да биде целосно вклучена во носењето одлуки на секое ниво.

„За да се стигне до оваа цел, потребна е поголема транспаретност и информираност на младите луѓе, центри кои специфично ќе работат на таа проблематика, програми кои постојани ќе ги промовираат европските вредности, како и вакви настани каде заедно ќе креираме соработки и стратегии кон европските патишта. Младите луѓе можат многу да придонесат во процесот на преговори за членство и затоа апелирам да бидат вклучени, бидејќи европската иднина им припаѓа ним и е многу важно заедно со носителите на одлуки да добијат шанса да ја креираат“, заклучува Бошкова.

 

05.04.2023 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега