Рокас: Интензивна дипломатска активност за Бугарија, лидери на ЕУ доаѓаат во Скопје
Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека се работи и е во тесна соработка со македонската Влада со цел да се надминат сите преостанати прашања пред отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Тој потврди дека има интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија.
„Постојат интензивни дипломатски активности за решавање на прашањето со Бугарија, а во таа насока лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните два-три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, изјави Рокас по поставувањето на камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога.
Според него, треба да продолжат напорите за имплементирање на реформите предвидени во реформската агенда, усвоена во согласност со планот за раст за Западен Балкан.
Премиерот Христијан Мицкоски во врска со ова прашање изјави дека досега слушнал многу изјави, но дека треба да се гледаат делата.
„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално, ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека тоа не е последната работа. Треба да видиме дела, а делата, според мене, претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи и јазик“, посочи Мицкоски.
Според него, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи.
„Ако некој има проблем затоа што друг поголем од него му дава совети, а трет тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи, не знам што е. Ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи – Албанците, Србите, Грците, Бугарите – но бараме еднакво почитување и за нас Македонците“, нагласи Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа