Бугарско МНР до Мицкоски: Не се мешај во нашите внатрешни работи
„Потсетуваме дека Европскиот консензус од 2022 година, одобрен од сите земји-членки на Евроспката Унија и Скопје останува валиден патоказ за напредокот на соседната земја во нејзиниот пристапен процес. Зачудувачки е што обврските преземени од Република Северна Македонија, од страна на нејзиниот премиер се доживуваат како „мешање во нејзините внатрешни работи“, е денешната реакција на бугарското Министерство за надворешни работи на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кои се однесуваат на тоа дали вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.
„Неговите изјави ги сметаме за уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи“, се вели во реакцијата од бугарското МНР и се додава:
„Премиерот Мицкоски уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“.
Одговарајќи на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, денеска премиерот Христијан Мицкоски, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата и потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.
„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем“, рече Мицкоски.
Според него, Македонија како држава нема проблем со другите народи, туку напротив, ги почитува.
„Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи на суверена држава, не знам за што станува збор. Така што, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи, и Албанците и Србите, Грците, Бугарите, но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците“, посочи премиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа