Полицаец крадел струја за неговата чајџилница
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово против С.Ш., вработен во Полициското одделение Матејче при СВР Куманово. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“, казниво според член 235-а став 1 од Кривичниот законик.
Според наодите од истрагата, во периодот од 1 март 2024 до 9 јануари 2025 година, пријавениот на незаконит начин се приклучил на електричната мрежа, со цел да стекне лична материјална корист. Без добиена согласност од Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје – КЕЦ Куманово, тој извршил нерегуларно поврзување на трите фази со кабли пред електрично броило кое се води на име на А.М. од село Липково. Каблите биле директно поврзани со електричните проводници што водат кон еден угостителски објект, со што потрошувачката не се евидентирала од страна на броилото. На овој начин, С.Ш. неовластено користел електрична енергија за свои потреби, предизвикувајќи штета на енергетската компанија во износ од 398.847 денари.
Дополнително, одделот покрена иницијатива за поведување дисциплинска постапка против полицискиот службеник, поради повреда на работниот ред и дисциплина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа