Новинар од Ерусалим: Израел подготвува голема копнена операција во Газа, можна е хуманитарна катастрофа

 

Израелците се подготвуваат за голема копнена операција во Појасот Газа, која не ја направиле најмалку 10 години и која е многу опасна и за нивните војници и за палестинските цивили во таа област, каде што е можна хуманитарна катастрофа, изјави денес за „Танјуг“ новинарот на „АП“ Џон Гамбрел кој се наоѓа во Ерусалим.

На прашањето каква е моменталната ситуација во зоната на дејствување и во Ерусалим, Гамбрел рече дека во моментот над градот патролираат хеликоптери и дека Израел собира трупи долж границата, каде според неговите информации сега има околу 3.000 војници и дека се чини дека ќе следи понатамошна ескалација .

Гамбрел рече дека Израел досега извршил неколку воздушни напади, дека Хамас се заканувал дека ќе ги убие заложниците во случај на нови напади на израелските сили на позициите на палестинските милитанти, што, според него, дополнително ја усложнува ситуацијата.

Според извештаите на АП, во нападите на Хамас досега загинале 1.500 луѓе – 900 жртви во Израел и 690 во Појасот Газа, каде, според Гамбрел, се очекува да се зголеми бројот на жртви.

Во Израел се уште се сумираат последиците од нападот на Хамас, материјалните штети во пограничните градови, а луѓето во полициските станици прават ДНК анализи за да се олесни идентификацијата на жртвите, изјави новинарот на АП.

Израел најави дека ќе спроведе целосна опсада на Газа, прекинувајќи го снабдувањето со витални потреби, вклучително и вода и храна, а во моментов израелските напади влијаеја на прекинот на телефонските линии и другите телекомуникациски врски, рече Гамбрел.

Во овој момент, како што наведе, израелските власти побарале населението во близина на границата со Газа да остане дома со залихи 72 часа и видливи се подготовките за почнување на воени операции.

Евентуален копнен напад би ги ставил на дополнителен ризик и израелските војници и населението, како и оние во Појасот Газа и заложниците кои ги држи Хамас, изјави новинарот на АП.

Гамбрел рече дека американското Министерство за одбрана и Пентагон рекле дека американските трупи нема да бидат дел од активна борба, но дека американската војска преместува носачи на авиони и други средства како поддршка и дека се уште не е познато дали имало барања за помош од Израел.

Тој изјави дека овој ненадеен напад на Хамас врз Израел може да се спореди со слични од минатото, како нападот на Ал Каеда врз Њујорк во 2001 година или нападот на Јапонија на Перл Харбор, кога САД влегоа во Втората светска војна.

Гамбрел потсети дека Израел е земја која практично е подготвена за евентуален конфликт во секој момент и дека сите жители служат воена служба и наведе дека вистинското прашање за владата на Бенјамин Нетанјаху е кои пропусти на разузнавањето се случиле на израелската страна при инфилтрацијата на Хамас.

Гамбрел смета дека е големо изненадување што во овој напад Хамас користел, покрај војската, и разни други средства, како мотоцикли, градежни машини и параглајдери, и што очигледно имал помош однадвор.

 
10.10.2023 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега