Палевски за презентираните материјали: Манипулирани се, ова се лажни докази

 


Во Основниот кривичен суд Скопје денеска со изведување на материјални докази продолжи судењето за убиството на Вања и Панче. Во судница беа прикажани видеа каде Обвинителството тврди дека се гледаат обвинетите, вреќа за спиење, кофи, лопати...

Првообвинетиот Палевски, за денеска презентираните материјали, рече дека се манипулирани и неверодостојни и обвини за наметнување лажни докази.

Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.

За двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. 

21.02.2025 - 15:45

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега