Иванов го прими новиот министер за одбрана Јолевски

 

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, денеска го прими новоназначениот министер за одбрана Зоран Јолевски, му ја честиташе функцијата и му посака успех во работата, соопшти Кабинетот на Претседателот на РМ. 

- На средбата претседателот Иванов  и министерот Јолевски разменија мислења за развојот на Армијата на Република Македонија во согласност со приоритетите на НАТО во рамките на концептот „мудра одбрана“  и за учеството на Армијата на Република Македонија во меѓународните мисии под НАТО, ЕУ и ОН. Министерот Јолевски го информираше претседателот Иванов за планот за претстојните активности поврзани со Самитот на НАТО во Велс оваа година, стои во соопштението.  

Иванов и Јолевски се согласиле дека покрај уставните и законските обврски и должности на Министерството за одбрана и АРМ, реформските процеси во функција на одржувањето на компатибилноста со НАТО стандардите на АРМ и членството на земјата во Алијансата претставуваат врвни приоритети и во наредниот период.

- Во таа насока беше договорена натамошна тесна соработка и координирани ангажмани меѓу врховниот командант, Министерството за одбрана и АРМ. Соговорниците изразија задоволство од фактот дека АРМ е институцијата во која граѓаните имаат најголема доверба, и искажаа подготвеност за максимална посветеност за таквата перцепција на граѓаните и понатаму да продолжи, информира Кабинетот на Претседателот на РМ.

23.06.2014 - 14:01
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега