Пост-изборна мисија на ПССЕ на 10 јули во Македонија

 

Пост-изборна мисија на Парламнетарното собрание на Советот на Европа ќе ја посети Република Македонија на 10 јули, при тоа ќе достави порака до СДСМ дека не се согласува со нивната одлука и ги повикува да се вратат во Парламентот, објави денеска ПССЕ.

Штефан Шенах известувачот на Ад-хок комисијата на ПССЕ, која ги следеше претседателските и парламентарните избори во Македонија претставувајќи ја изборната мисија оцени дека изборите биле добро организирани, а резултатите коректни и покрај констатираните пропусти за време на предизборната кампања, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Шенах посебно изрази загриженост за состојбата во меѓуетничките односи во земјата, за што предизборната мисија на ПССЕ при својот престој во Македонија испрати повик „да не се продлабочува јазот меѓу етничките заедници.“

- За жал, јазот се прошири. Ние повикавме да нема говор на омраза. Но, тој беше присутен, истакна меѓу другото Шенах.

Тоа што за ПССЕ е необично е присуството на 1,8 милиони гласачи во земја која брои нешто повеќе од 2,1 милиони жители. Тој побара преиспитување на гласачките листи и парцијален попис, бидејќи според него е важно да се има доверба во изборниот процес.

Во дискусијата ниту еден од членовите на ПССЕ не зеде збор за изборите во Македонија, со оглед дека најголемиот број од нив се интерсираа за изборите во Украина.

За изборите во Македонија единствено во името на Народните партии, зборуваше Александар Николоски, кој е претседател на македонската собраниска делегација при ПССЕ. Тој нагласи дека Изборниот законик донесен пред изборите бил поддржан и од партиите на власт и од опозицијата и дека изборите биле организирани во добри и демократски услови.

Потсетувајќи на резултатите од гласањето и изборот на Ѓорге Иванов за претседател и на нова влада на 19 јуни, со назначување на Никола Груевски за премиер, тој се задржа посебно на бојкотот на Парламентот од опозицијата.

- Ова не е добро за земјата зашто е потребен Парламент, кој ќе работи во полн капацитет, со партиите од власта и опозицијата, рече Николоски.

Тој ја поздрави декларацијата на Мониторинг комитетот кој истакнува дека е загрижен од одлука на Социјалдемократскиот сојуз и ја повикува целосно да го остварат својот мандат и да се вратат во Парламентот. Исто така, ја поздрави и изјавата на комесарот за проширување Филе, кој бара од опозицијата да се врати назад во Парламентот.

- Пост-изборната мисија од три истакнати членови на ПС на Советот на Европа Роберт Валтер известител за Македонија, Штефан Шенах претседателот на Мониторинг комиетот и Андреас Грос шеф на социјалистичката група се надевам дека ќе најде прием и разбирање во водството на СДСМ и ќе имаат успех, нагласи Николоски на крајот од својата дискусија пред ПССЕ.

Тој го извести ПССЕ дека премиерот го покани лидерот на опозицијата да се сретнат и дека средбата ќе се одржи утре со цел опозицијата да се врати во Прламентот. Тој притоа изрази надеж дека средбата ќе има успех и разбирање од СДСМ. Николоски нагласи и дека „Македонија ќе остане целосно посветена на исполнување на сите други критериуми неопходни да имаме дури и подобри избори во иднина.“ 

MIA

23.06.2014 - 13:58
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега