Македонската влада нуди вработување за 379 лица

 

Македонската Влада распиша оглас за ангажирање на 379  лица за раководни позиции во државната управа и за членови во управните и надзорните одбори.

Распишаниот огласот се однесува за 159 раководни позиции во државната управа меѓу кои пет амабасадорски места, осум воени аташеа, 15 позиции на државни секретари во министерствата, над 20 директорски места на централни и државни органи, како и дваесетина позиции на директори на научни установи. Распишан е и оглас за над 220 членови на управни и надзорни одбори во државни агенции, јавни претпријатија, клиники и тн.

Според портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев огласот е веќе објавен во дневните весници и ќе трае до 30 јуни.

- Ова е најголем оглас кој било кога е распишан за обезбедување на интерес на лица за ангажирање на раководни позиции. Огласот не е законска обврска на Владата, но нашата цел е да обезбедиме една мобилизација која ќе резултира со нов квалитет што ќе биде внесен од страна на лицата кои ќе се пријават и кои ќе имаат можност да раководзат со определени институции, рече Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.

Тој потенцираше дека при изборот нема да има никаков вид на протекционизам и дека сите кандидати ќе имаат еднакви шанси да ја добијат работата.

- Сите лица кои ќе се обидат да извршат влијание кое ќе води до некаков протекционизам, нема да бидат толерирани и тоа ќе се смета за негативна карактеристика. Наша цел е да се ангажираат лица врз основа на нивните знаења и професионалното искуство, рече Ѓорѓиев.

Огласот се однесува за позиции кои веќе се испразнети и за места чиј мандат на сегашните раководни лица истекува во текот на годинава или на следните две години.

Деталите за аплицирањето на огласот можете да ги најдете на веб страницата на Владата на Република Македонија - http://www.vlada.mk/konkursi/ .

14.06.2014 - 13:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега