Македонија ќе ја зголемува безбедноста на храната

 

Надлежните институции за безбедност на храната ќе ги зајакнуваат капацитетите со цел да се зголеми квалитетот на нивното работење а со тоа да се обезбеди и посигурна храна за крајните потрошувачи.

Институционалните капацитети ќе се зајакнуваат преку проектот вреден над 1,7 милиони евра, кои беа обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош. Главни корисници се Агенцијата за храна и ветеринарство, Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство.

- Имајќи ги предвид сите рефроми кои досега ги спроведувавме на ова поле, можам слободно да кажам дека Европа и светот веќе не препознаваат како сериозни партнери кога е безбедноста на храната во прашање. Веруваме дека со зајакнување на капацитетите на сите институции вклучени во системот на безбедност на храната, безбедносните критериуми ќе се подигнат на уште повисоко ниво со единствена цел подобрување на безбедноста и здравјето на граѓаните, како и задоволството на потрошувачите, објасни првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски на денешната промоција на проектот.

Европската унија, најави евроамбасадорот Аиво Орав, и понатаму ќе обезбедува поддршка во областите поврзани со безбедноста на храната.

- Агенцијата за храна и ветеринарство има модерен систем за квалитет и безбедност на храната, но има одредени области каде е потребно подобрување како што се квалитетот на имплементацијата и спроведувањето на регултивите за безбедност на храна и контрола на штетните организми и употребата на пестиците во земјата, рече Орав.

Со реализацијата на проектот се очекува подобро функционирање на надлежните институции и нивна поголема интегрираност.

12.06.2014 - 13:44
Фото: 
Република
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега