Убавините на Охрид презентирани пред финските тур-оператори

 

Работиме напорно процентот на задоволни туристи од посетата на Република Македонија да надмине  90%.  Директните средби со бизнис и туристичката елита при посетата на Хелсинки, Финска се мал дел од тие напори, вели Кристијан Џамбазовски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

-Агенцијата  одржа низа средби со клучните играчи од туризмот од претходно таргетираните држави. Се среќаваме со тамошните туристички агенции, тур оператори и новинари, ја презентираме Македонија со сиот нејзин потенцијал во најубаво светло, подготвуваме дегустација на македонска храна и вино и организираме информативни патувања низ Македонија. Ова е само една од алатките од кои очекувам Македонија да има зголемување на бројот на туристи. Досега интересот е многу поголем од очекуваното.Во преговори сме со неколку значајни нови имиња од туристичката мапа, со што растат шансите бројот на странски гости до крајот на годината да достигне до половина милион. Тоа е енормно зголемување во споредба со изминатите години, вели Џамбазовски, кој пред полната сала со тур-оператори од Финска ги промовираше условите кои ги нуди македонската Влада за инвестирање во туристички развојни зони.

На средбата учество зема и економскиот промотор на Македонија за Шведска и Финска, Мирјана Наумоска.

-Агенцијата за странски инвестиции во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот направија успешен настан во Финска. Професионално завршената работа секогаш резултира со успех. Јас верувам во тимската работа и дека само на тој начин можеме да имаме целосен продукт. Скандинавските земји се интересен и финансиски стабилен пазар, отворен за нови предизвици. Во Македонија гледаат голем потенцијал, а на овој начин ние се обидуваме да им ги разјасниме дилемите што ги имаат, да ги поддржиме и правилно насочиме кон целта, истакна Наумоска.

АППТ го претстави туристичкиот потенцијал и условите кои ги нуди Македонија за туризам пред повеќе од 25 тур-оператори од Финска. Ова е второ претставување на Македонија на директни бизнис средби. За во наредниот период се најавени и други слични вакви активности за промоција на Македонија. 

12.06.2014 - 11:09
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега