Македонија ќе нема проблеми во снабдувањето со природен гас
Македонија во следниот период од пет-шест години не треба, не смее и ќе нема никакви проблеми во однос на снабдувањето со природен гас затоа што она што го имаме денес како транспорт на овој енергенс ќе ги задоволи нашите потреби. Ова денеска го изјави Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефиканост МАЦЕФ, учесник на денешниот форум за енергија, што се одржува во организација на Американската амбасада во Скопје и тин-тенк организацијата „Аналитика“.
Македонија има голема резерва со оглед на можноста за 800 милиони кубни метри гас и потрошувачката од 250 милиони. - И на сите други потрошувачи во Македонија им треба време да се приклучат, што значи дека треба да се направат преносните системи, она што се планира со рускиот кредит, потоа треба да се направи дистрибутивниот систем во Скопје, што исто така е три-четири-пет години. А за пет години политичката состојба и во светски рамки може да се измени, рече Димитров.
- Нема сомнеж дека енергетската безбедност е важна за секоја земја. САД и цела Европа имаат огромен потенцијал за работа заедно во однос на овие прашања за енергија и енергетска безбедност, рече на отворањето на форумот американскиот амбасадор Пол Волерс.
Во осврт на соработката на САД со Македонија за енергетските прашања ја наведе помошта за развивање Стратегија за ниски емисии за намалување на загадувањето и емисијата на гасови и го повика американскиот приватен сектор да инвестира во Македонија и регионот.
- И понатаму ги охрабрувам енергетските компании од САД да инвестираат и да тргуваат со Македонија и со регионот. Проширените комерцијални врски се важни за стопанствата на двете земји, рече Волерс.
Според амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав, во земјите од Западен Балкан основните извори на енергија се ограничени и енергетскиот сектор е соочен со големи предизвици, како што е намалување на емисиите на јаглерод диоксид и ефикасно користење на енергијата. Други важни прашања се потребата за замена на старите енергетски капацитети, што ќе бара значителни инвестиции во енергетската инфраструктура, наведе Орав.
- Одредени подобрувања се случени и сакам да ја поттикнам Владата да ја забрза примената на обврските што произлегуваат од договорот, особено во однос на третиот енергетски пакет за кој крајниот рок за спроведување е 1 јануари 2015 година. Владата треба да финализира некои од веќе започнатите ревизии на законите. Воедно, потребно е надминување на бариерите на националниот пазар кои спречуваат ефективно отворање на пазарот со електрична енергија. Бараме земјата да обезбеди целосна либерализација до јануари 2015 година, наведе Орав, укажувајќи на обврската на операторите на преносните системи за обезбедување извештаи во однос на енергетските капацитети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа