Живеачката во Македонија станала поевтина
Tрошоците на животот во мај годинава во споредба со мај лани биле пониски за 0,6 отсто, а цените на мало за 0,7 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во мај во однос на април, пак, е евидентирано зголемување од 0,3 проценти на трошоците на живот и цените на мало. Порастот е резултат на повисоките цени на свежото овошје за 3,5 проценти, другите пецива за 2 проценти, свежиот зеленчук за 1,5 проценти, конзервираната риба за 1,2 проценти, сувото овошје за 0,7 проценти, конзервираните месни производи за 0,5 проценти, преработките од млеко за 0,4 проценти, рибата, шеќер, џем, чоколади и други кондиторски производи за 0,3 проценти и другите неспомнати прехранбени производи за 2,2 проценти.
Пораст на трошоците на животот е забележан и кај обувките за 3,7 проценти, авионскиот превоз на патници за 2,9 проценти, течните горива за домаќинствата за 1,9 проценти, течните горива и мазива за 1,7 проценти, цврстите горива и здравствените услуги за 0,5 проценти.
Според статистика, намалувањето на трошоците на живот во мај споредено со април оваа година е забележано кај маслото и маснотиите за 1,1 процент, јајцата за 1 процент, трајните кобасичарски производи за 0,5 проценти, тестенините и безалкохолните пијалаци за 0,3 проценти и алкохолните пијалаци за 0,2 проценти.
Во мај, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај средствата за рекреација и култура за 3 проценти, фармацевтските производи за 0,6 проценти и средствата за чистење и оддржување на домаќинствата за 0,2 проценти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа