Програма за социјализација на деца со посебни потреби

 

Во Гевгелија денеска е промовирана Програмата за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници. Целта на проектот, кој е финансиран од ЕУ, а го спроведуваат гевгелиската Фондација Аполонија и Македонското научно здружение за аутизам од Скопје, е да се зголеми социјалната интеграција и развој на децата со посебни потреби во четирите општини од југоисточниот регион - Гевгелија, Дојран, Валандово и Богданци.

Проектот е поддржан од сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова.

- Мојата улога, како сопруга на претседателот на Република Македонија, за мене претставува сериозен предизвик, но и голема одговорност, да ги вложам сите мои сили и капацитети за поддршка на иницијативите кои во општеството можат да направат барем и најмала промена за најмладите, а уште повеќе за децата со посебни потреби. Тоа го правам пред се како мајка, која сочувствува со родителите на децата со посебни потреби и ги разбира предизвиците со кои тие се соочуваат секојдневно, истакна Иванова во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Гевгелија.  

Според неа, со отворањето на терапевтската соба во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Гевгелија се отвора ново поглавје во оваа општина за подобрување на условите и зголемување на можностите за децата со посебни потреби. Додаде дека со децата ќе работат нивните родители, медицинските лица, дефектолозите, логопедите, терапевтите и воспитно-образовниот кадар.

Програмата за целосна социјализација на деца со посебни потреби во општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово ќе се реализира до февруари наредната година.

09.06.2014 - 12:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега