Интензивно се гради новата градинка во Припор

Со одлична динамика течат градежните работи во ПОУ “Круме Кепески”во Припор каде до крајот на летото треба да профункционира првата градинка во овој дел од Општината, информираат од Кисела Вода.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ, го посети објектот и разговараше со фирмата изведувач “Инком Инженеринг”, чии активности интензивно течат во насока на реконструкција и адаптација на две постоечки простории и изградба на сосема нов дел во ова подрачно основно училиште, во кои треба да работи градинката.

Ќе функционираат  три групи од кои едната е јасли, а идејното решение изработено од општината опфаќа и креативни работилници, дистрибутивна кујна и перална.

Како дел од програмата за енергетска ефикасност која општина Кисела Вода ја имплементира во сите градинки и училишта на своја територија, и во ова училиште фасадата ќе биде заменета со нова, енергетски ефикасна, со што ќе се зголеми изолацијата на објектот. Исто така, постојниот дотраен покрив на училиштето ќе биде целосно реконструиран и со тоа ќе бидат надминати проблемите со протекување.

Општина Кисела Вода самостојно ги обезбеди средствата за овој проект , чија вредност изнесува 12 милиони денари. Истиот, е одговор на едно од најголемите барања на родителите од Припор кои досега своите деца мораа да ги носат во градинките во централниот дел на Кисела Вода.

04.06.2014 - 12:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега