Екстерното тестирање се спроведува успешно

 

 

Процесот на екстерно тестирање кој започна денеска и ќе трае до 10 јуни се одвива успешно, без пријавени технички проблеми на системот или проблеми од организациски аспект. Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

- Денеска започна екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основното образование до трета година во средите училишта. Првиот, од вкупно два предметa, денеска го полагаат 77.000 ученици во сите 680 основни и средни училишта. Предност им е дадена на осмоодделенците поради роковите за упис во средните училишта. Според податоците на Државниот испитен центар, чии кол-центри се активни во текот на целиот процес на тестирањето, тоа успешно започна во сите училишта во Република Македонија, рече Ристовски.

Исклучок е подрачното училиште „Михајло Граменов“ во село Малино, општина Чучер - Сандево каде тестирањето е одложено за утре поради прекин во снабдување со електрична енергија, проблем на чие отстранување работат екипи на ЕВН.

До 13 часот 370 училишта испратиле извештаи дека кај нив завршено тестирањето, и нема нема пријави за ниту еден технички проблем во системот во ниту едно училиште ниту, пак, некаков проблем од организациски аспект. До 14 часот тесирањето е завршено за 50.000 ученици.

- Ова е очекуван резултат по интензивните подготовки и координацијата со сите училишта, како и унапредувањето и надградувањето на системот. Процесот го олеснува и фактот што овие ученици се тестираат по втор пат со исклучок на оние кои се четврто одделение и првпат екстерно се тестираат. Може да констатираме дека екстерното тестирање се спроведува и реализира успешно. Генерален впечаток е дека сите ученици во процесот сериозно ја сфаќаат својата обврска за придонес кон неговото непречено и квалитетно спроведување. Наша основна цел е никој да не биде оштетен и затоа во целост секојдневно во наредните неколку дена на дневна основа ќе имаме координација и следење на текот на екстерното тестирање, изјави министерот за образование.

Тој нагласи дека екстерното тестирање е исклучително обемен процес во којшто се вклучени безмалку 200.000 ученици.

- Само во текот на денешниот ден се вклучени 77.000 ученици. Денеска е најголема бројката на вклучени ученици и се очекува така да биде и во четврток поради тоа што во овие денови се вклучени сите осмооделенци во државата на кои им беше дадена предност за да може да се подготвуваат за уписи во средните училишта, рече Ристовски.

 

02.06.2014 - 15:22
Фото: 
либертас
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега