Матуранти со среќа! - денеска се полага мајчин јазик

 

Вкупно 18.370 пријавени кандидати во оваа учебна 2013/2014 година денеска ќе полагаат мајчин јазик, прв од четирите матурски испити, неопходни за продолжување на образованието на некоја од високообразовните институции.

- Годинава матурантите полагаат согласно новиот концепт за државна матура, односно т.н. 1+2 модел кој предвидува полагање три екстерни и еден интерен предмет. Покрај мајчиниот јазик, кој е задолжителен екстерен предмет, кај другите два екстерни предмети постои можност за избор. Првиот се избира од два општообразовни наставни предмети и тоа математика и странски јазик за учениците од гимназиско и средно стручно образование, односно странски јазик и естетика или филозофија за учениците од средно уметничко образование. Кај вториот екстерен предмет со право на избор ученикот одлучува од понудената листа на предмети од општествената и природната група, информира министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Ристовски информира дека годинава, во споредба со лани, е зголемен бројот на кандидати кои избрале да полагаат математика што, како што истакна, можеби е показател за зголемениот интерес кај матурантите да го продолжат образованието на некои од техничките факултети. Математика на основно ниво, истакна, избрале да полагаат 2.398 ученици, а 26 математика на напредно ниво, додека минатата година 2.142 кандидати полагале математика на основно ниво и само 12 математика на напредно ниво. Вообичаено, додаде Ристовски, како и други години најмногу кандидати ќе полагаат англиски јазик или вкупно 16.858 ученици.

На 11 јуни матурантите ќе полагаат англиски, француски, германски или руски јазик, на 13 јуни математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис.

31.05.2014 - 10:08
Фото: 
Денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега