Средба Иванов- Гарет: Заеднички да ја придвижиме Македонија кон НАТО и ЕУ

 

Со нетрпение очекувам да работиме со Македонија на важни прашања за двете земји и се надевам дека ќе продолжиме да ги унапредуваме политичките и економските врски, изјави новиот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чарлс Едмунд Гарет денеска по предавањето на акредитивните писма на претседателот Ѓорге Иванов.

- Ситуацијата е комплексна, но со многу можности исто колку и предизвици кои, мислам, ако сите работиме заедно можеме внатрешните и надворешните прашања  да ги предвижиме напред, одговори амбасадорот Гарет на новинарско прашање какви се неговите очекувања за членството на Македонија во ЕУ и НАТО, земајќи предвид каква е ситуација со прашањето за името со Грција.

Посакувајќи му добредојде на новиот британски амбасадор, претседателот Иванов оцени дека од воспоставување на дипломатските односи можеме да бидеме задоволни од достигнатото ниво на пријателство, меѓусебна доверба и разбирање, како и од соработката во повеќе области.

- Република Макеоднија е решителна и одлучна во исполнување на поставените стратешки цели, членство во НАТО и во ЕУ. Република Макеоднија ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата и е подготвена веднаш, неодложно да ја започне следната фаза во интеграцијата во ЕУ. Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ односно очекуваме позитивен пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминување на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај, му порача претседателот Иванов на амбасадорот Гарет.

Членството на Република Македонија во НАТО, истакна, не е придобивка само за нас, туку и за Алијансата и за нашиот регион.

- Очекувам и се надевам дека Обединетото Кралство ќе ги има предвид нашите аргументи, постигнувања и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот исклучително значаен период, рече во обраќањето претседателот Иванов во поздравното обраќање по повод предавањето на акредитивните писма од амбасадорот Чарлс Едмунд Гарет.

29.05.2014 - 13:11
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега