Се ближат избори во Грција - шансите за решавање на името сведени на нула

 

Резултатите во изборите за Европскиот парламент во Грција, според Аристотел Циампирис, професор по меѓународни односи од Универзитетот во Пиреја, претставуваат вовед во предвремени парламентарни избори кои мора да се одржат во пролетта 2015 година, и ќе оневозможат сериозни разговори за решавање на спорот за името.

Според Циампирис, поразот на владејачката Нова Демократија на премиерот Андонис Самарас на изборите за Европскиот Парламент, ќе значи дека Грција нема да биде во состојба да се посвети на решавање на спорот за името. Самарас загуби од Алексис Ципрас и неговата крајно-левичарска партија Сириза со 4 процентни поени разлика, која веќе бара предвремени избори, а на трето место се пласираше нео-нацистичката Златна Зора.

- Најважен резултат од изборите е што Грција сега влегува во подолг предизборен период. Тоа е затоа што се неопходни 180 гласови во грчкиот Парламент за да се избере претседател на Републиката, а ако Сириза не е подготвена да поддржи заеднички кандидат за претседател за наследник на претседателот Папуљас, тоа значи дека предвремени избори мора да се одржат до март 2015 година. Нашата земја влегува во период на транзиција, во кој од една страна Владата навистина мора да испорача сериозни резултати, и нови луѓе и нови политики, а од другата страна, Сириза е во подем, вели Циампирис. Тој потсетува дека непишано правило на грчката политика е партијата која победила на изборите за Европскиот Парламент, да победи на следните национални избори. Сириза веднаш по изборите во неделата побара предвремени парламентарни избори, велејќи дека Владата ја загубила довербата на Грците.

Поради специфичните грчки изборни правила, доколку истите резултати од европските избори се пресликаат на грчки национални избори, Сириза би имала 130 пратеници, вели Циампирис, додека Нова Демократија на Самарас не би добила ни 70. Единствената надеж за опстанок на Владата до следната пролет, според професорот Циампирис кој изминативе месеци предава на Универзитетот во Њујорк, е релативно добриот пласман на социјал-демократската партија ПАСОК, која на изборите настапи под ново име - Елиа - и успеа да освои 8 проценти од гласовите. Сепак, Владата која би требала да има мандат од уште две години, нема доволно гласови во Парламентот за да избере наследник на претседателот Каролос Папуљас до пролетта 2015 година. Поради тоа Циампирис смета дека предвремени избори се неизбежни.

Според Циампирис, поради влошувањето на позицијата на грчката Влада по изборите за Европскиот Парламент, не може да се очекува меѓународната заедница да врши притисок врз Грција за да посвети на решавање на спорот за името на Македонија.

- Изборните резултати не претскажуваат ништо добро за решавање на спорот за името најмалку во следните девет месеци. Грција не е под некој особен притисок од меѓународната заедница која јасно разбира дека земјата мина низ егзистенцијална економска криза, во која во прашање беше нејзиното останување во Евро-зоната, па дури и во Европската Унија, има 27 проценти невработени и подем на неонацистичките движења. Владата веќе е соочена со толку многу проблеми, мислам дека меѓународната заедница не сака да ја притиска и за спорот за името, кој може да предизвика сериозни политички проблеми па дури и на регионално ниво. Така, иако Нимиц остава впечаток дека презема некои чекори, не гледам притисок од меѓународната заедница да се реши ова прашање. Од една страна, Грција оди кон предвремени избори, а од друга страна, некои странски Влади не гледаат многу поволно на можноста од подем на Сириза во Грција, вели Циампирис.

Грчкиот професор предупредува дека по изборите Владата на Самарас се соочува со засилен националистички притисок и по прашањето за името. Со резултатите на Златна Зора, која освои 9 проценти од гласовите, потоа ЛАОС на Караџаферис која има под 3 проценти, и партијата Независни Грци, исто така со 3 проценти од гласовите, Циампирис вели дека Самарас е соочен со 15 проценти од гласачите кои се против решение на спорот за името.

Циампирис не гледа можност ниту за меѓународен притисок врз Грција поради наближувањето на самитот на НАТО во Британија, и новото чувство на ургентност по кризата во Украина.

- Мислам дека ќе има повеќе притисок врз Грција не поради кризата во Украина, туку со стабилизирањето на состојбата во Атина. Колку постабилна е политичката ситуација во Грција, толку може да има посилен меѓународен притисок врз неа. Но, факт е дека спорот за името трае од 1991 година, решението требаше одамна да се донесе, и само тоа ќе ги отклучи евро/атланските интеграции за вас. Двете земји треба да разговараат, да одржуваат односи како соседни држави осудени од географијата да живеат една до друга, како земји кои имаат одлични економски односи, и да чекаме кога ќе се отвори следниот прозорец на можност з решавање на спорот, што можеби нема да биде во следните 9 месеци, но може да се случи во следните 2-3 години. Кога во двата главни града ќе имаме партнери расположени за танго, тогаш треба силно да одиме напред кон решавање на овој спор, а тој што ќе го стори тоа, можеби ќе добие и Нобелова награда, заклучува професорот Циампирис.

29.05.2014 - 09:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега