Пратениците од СДСМ доставија оставки во Собранието
Триесет и тројца пратеници од СДСМ и коалициските партнери кои на нотар потпишаа дека не ги прифаќаат мандатите, денеска доставија оставки до Собранието на Република Македонија.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека партијата нема да учествува во Парламент што, според нив, не е одраз на вистинската волја на граѓаните. На тој став на опозицијата, нагласи, не може да влијае никој.
- Со овој чин се почитува одлуката донесена од органите и телата на партиите и се потврдува цврстата определеност на СДСМ и на коалициските партнери за неприфаќање на мандатите, рече Заев.
Според него, власта насилно ги верификувала мандатите на пратениците на опозицијата, непочитувајќи ги Уставот и законите. Со поднесените оставки, рече Заев, јасно ставаат до знаење дека не може насила да се внесе опозицијата во Парламентот.
Во координација со коалициските партнери, информира Заев, СДСМ подготвува платформа за натамошно вонпарламентарно дејствување, со прецизни активности.
- Целта е јасна и единствена, враќање на демократските институции и создавање услови за одржување слободни и фер избори на коишто ќе биде реализирана вистинската волја на граѓаните на Република Македонија, рече Заев.
Оставка на пратеничкиот мандат од опозициската коалиција не достави Роза Топузовска Каровска од ЛДП, која се изјасни дека ќе учествува во работата на Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа