Чадиев: Нема простор за паника- состојбата во Велес е стабилна
Во Велес, каде попладнево имаше невреме проследено со обилен дожд, состојбата е стабилна, изјави градоначалникот Славчо Чадиев, кој на терен направи увид на состојбата.
- Најкритично беше во населбата Поток, каде што се симнати стотина кубици земја во потокот и има надојдено вода од Општина Свети Николе. Во моментов се е под контрола, рече за МИА Чадиев. На лице места се противпожарните служби, полицијата и вработени од ЈП „Дервен“.
Истповремено, посочува тој, се санира и состојбата онаму кадешто имаше паднати дрвја, а за јавувањата за накривени бандери ЕВН многу бргу ќе дејствува на терен.
За 19:30 часот градоначалникот на Велес најави уште еден состанок на штабот за следење на состојбата за да се сумира насатаната ситуација и доколку има нови врнежи да се донесе одлука како ќе се дејствува.
Во Велес попладневво поради обилниот дожд делови од градот и околните населби и села час и половина беа без струја, улиците беа поплавени со вода, а паднати се повеќе дрвја кои предизвикаа проблеми во сообраќајот.
Според информацијата од Центарот за справување со кризи во стариот дел од градот над градскиот пазар е надојден Дервенскиот поток кој ја поплави и блокира улицата „Вера Циривири Трена“ и во овој дел од градот имаше прекин во сообраќајот.
Златко Костов од Центарот за справување со кризи изјави дека поплавен е салонот на кабелскиот оператор „Близу“ во центарот на Велес. Поради обилниот дожд поплавени се и подрумските простории во дел од зградите кај „СИМПО“ во новиот дел на градот. Поплавени се и индивидуални куќи каде интервенираат екипи на противпожарната единица кои ја испумпуваат водата. Имало и запалени кабли од електромрежата на главната улица „Благој Ѓорев“.
На овие места според Центарот за справување со кризи на терен се екипи на ЈКП „Дервен“ кои ги отстрануваат дрвјата, а поради паѓање на дрва врз електромрежата на терен се и екипи на Електро Велес.
Поради силниот дожд со грмотевици попладнево час и половина без електрична енергија беа повеќе делови од градот како населбата Керамидна, ул „Андон Шурков“, Индустриската Зона, приградските населби Превалец, Горно и Долно Оризари, Општина Чашка и селата Отовица, Сујаклари и Мамутчево. Со брза интервенција на екипи на Електро Велес овие населени места попладнево повторно се вклучени во електро мрежата, информираат од Центарот за справување со кризи на Велес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа