Краделе, па пленот сакале да го однесат со такси - приведени двајца албански државјани
Две лица албански државјани биле приведени изминатата ноќ од страна на полицијата, а по уште едно се трага поради основано сомнение дека извршиле кражби во две куќи во тетовското село Челопек.
Вчера околу 2 часот и 45 минути полицајци од полициското одделение Жеровјане запреле такси возило „Сеат Толедо“ што го управувал 60-годишниот А.Б.од Голема Речица и во кое имало уште едно непознато лице.
- Непознатиот кога видел дека полицијата го запрела такси возилото излегол и почнал да бега по што полицајците тргнале по него. Во непосредна близина на џамијата во Челопек биле пронајдени и приведени двајца албански државјани Р.А. (36) и В.А.(22) кои со себе имале повеќе торби и најлонски кеси во кои носеле поголема количина златен накит и бижутерија, лап топ, телевизор, часовници, парфеми и друго. Сомнежите дека сето тоа е последица на кражби било потврдено по разговорот со двајцата приведени кои изјавиле дека поттикнати од третото лице, по кое полицијата се уште трага, тие дошле од Тетово и извршиле кражби во две куќи во Челопек во кои немало никој, рече Јосифовски.