Двајца кочанчани испрале преку 14.000.000 денари
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за гонење организиран криминал и корупција против С.М. (34) од Кочани и Д.А. (34) од Крива Паланка-сопственик и управител на „Балкан Воод“ ДООЕЛ Крива Паланка и ДПТУ „Чарли Стил“ ДООЕЛ Крива Паланка за сторени кривични дела „комар“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Пријавените, како што соопшти денеска МВР, во текот на 2012 година се идентификувани како членови на криминална група и веќе се кривично пријавени во рамките на операција „Детонатор“.
Пријавените во периодот од 2009 до 2012 година со цел да се стекнат со противправна имотна корист, на неколку локации на територијата на Република Македонија по претходен договор неовластено организирале игри на среќа (комар) во деловни простории, без притоа да ги преземат со закон предвидените постапки за регистрација, како „автомат клуб“ во рамките на трговски друштва кои ги поседуваат.
Во четири нелегални автомат клубови-нивна сопственост, за периодот од 2009-2012 година оствариле 620.000.000 денари нелегален профит, кои ги легализирале, односно ги внеле во легалниот платен промет на државата по три основи, преку трансакциската сметка на Д.А., преку дискотеката „Чарли Стил“-Крива Паланка и преку набавка од увоз на автомати за игри на среќа.
Износот од 620.000.000 денари како стекнат нелегален приход со нелегално организирање игри на среќа (комар), е пресметан на основа на минимален месечен приход во наведениот период остварен од легалните автомат клубови регистриран на подрачјето на Кочани и Крива Паланка, каде се наоѓале и нелгалните автомат клубови на двајцата пријавени.
Според полицијата, дел од нелегално стекнати парични средства во износ од 2.048.114 денари пријавениот Д.А. внел на својата лична трансакциска сметка и ги искористил за купување на недвижен имот во Крива Паланка чија вкупна вредност изнесувала 2.861.549 денари. Д.А. исто така инвестирал износ од 7.134.000 денари во неговата дискотека „Чарли Стил“ Крива Паланка за плаќање кирии, плати за вработените и слично.
Дел од нелегално стекнатите парични средства двајцата пријавени ги искористиле за набавка од увоз на 90 автомати за игри на среќа за износ од 4.891.500 денари, кои биле поставени во нелегалните автомат-клубови кои тие ги поседувале, а биле легално увезени во Македонија, но за нив не постои документација за извршено плаќање, односно платени се во готово.
На овој начин пријавените С.М. и Д.А. пуштиле во оптек вкупно 14.163.614 денари.