Нов тендер на ЈСП - од сега во автобус ќе се возиме со „паметни" билети

Јавното сообраќајно претпријатие- Скопје петти пат распиша меѓународен оглас за набавка и монтирање систем за автоматска локација на автобусите и на електронски систем за наплата на билетите во возилата. Како што пишува Дневник, со автоматската локација, патниците на автобуските стојалишта на електронски табли ќе добиваат информации за колку време ќе стаса автобусот што го чекаат. Возилата ќе бидат следени преку сателит и информациите ќе се проследуваат во реално време.

Со системот за електронска наплата, односно со воведувањето таканаречени умни билети, ќе се избегнат билетите од хартија и ќе се скрати времето на влегување на патниците во возилата. Граѓаните што се возат со јавниот превоз ќе си купат електронски припејд- картички, кои ќе ги дополнуваат со толку пари колку што сакаат, а при влегувањето во автобус ќе ја приближат картичката до читач, кој од неа ќе им одземе сума колку што чини возењето. Така патниците ќе влегуваат брзо во возилата, нема да се задржуваат кај поништувачите на хартиените билети и нема да мора да купуваат билет од возачот и така да го задржуваат возилото на стојалиштето.

Досега, пишува Дневник, пропаднаа четири тендери со кои ЈСП планираше да ги воведе современите системи. Причината што досега не се реализираа овие проекти, според директорот на ЈСП- Скопје Мишо Николов, е што системот за електронска наплата е сложен и треба многу внимание за технички да се дизајнира тендерот. 

-Во прашање е и нашето неискуство за вакви системи. Очекувам овој пат тендерот да биде успешен. Нема посебни измени на условите во него, тие остануваат речиси исти. Електронската наплата ќе се воспостави во 500 наши автобуси. Ќе бидат поставени исто толку валидатори, односно поништувачи. Исто така, фирмата што ќе биде избрана ќе биде должна да воспостави три машини - автомати за продажба на електронските картички и тоа на пофреквентните автобуски постојки, како што се, на пример, „Рекорд“ или Бит-пазар, вели Николов.

Освен на трите автомати, електронските билети ќе се продаваат и на 58 продажбени места и билетарници. Ќе бидат набавени 200.000 електронски картички (билети), како и 50 уреди за контрола.

Заинтересираните компании своите понуди треба да ги достават најдоцна до 16 јуни во 11 часот, во дирекцијата на ЈСП.

02.05.2014 - 15:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега