ФЗОМ: 93 осигуреници доставија барања за лекување во странство
Деведесет и три барања од осигуреници за лекување во странство се доставени до Фондот за здравствено осигурување на Македонија заклучно со 15 мај. Од вкупниот број барања, 47 се позитивно решени, 33 негативно, а на 13 постапката им е во тек, информираше денеска директорот на Фондот, Јован Грповски.
Грповски истакна дека од 33 барања кои се негативно решени, 31 се негативни поради тоа што бараната здравствена интервенција може да се врши во Македонија, а само кај две странката не ја уредила документацијата во определен период.
- Во однос на реализацијата на барањата за овој период до 15 мај имаме потрошено 50.125.910 денари. Споредено со истиот период лани имаме зголемување на износот. Лани сме потрошиле 39.448.378 денари, што е зголемување за 27 проценти. Овој податок говори дека на лекување во странство се испраќаат сложени и комплицирани интервенции кои не можат да се извршат во Македонија, рече Грповски.
Од 1 јануари стапија во сила измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување според кои, при упатување за лекување во странство осигуреникот плаќа партиципација во висина од 20 отсто, но не повеќе од 12.000 денари (200 евра).
- Во буџетот на ФЗОМ за 2013 година предвидени се 230 милиони денари за лекување во странство. Во рамки на Буџетот добро се движиме односно нашите проекции сега засега се покажуваат како точни. Мислам дека со определениот буџет до крајот на годинава ќе успееме да ги покриеме сите барања од овој тип, посочи Грповски.
Тој рече дека во насока на обезбедување што поголем број на здравствени услуги во државата, ФЗОМ склучи рамковни договори со приватните здравствени установи за оние здравствени услуги кои не се обезбедени во јавното здравство, а за кои ФЗОМ досега осигурениците ги испраќаше на лекување надвор од државата, и тоа во Специјалната болница по хирушки болести „Филип Втори“, Европска очна клиника, Клиничката болница „Систина“ и Првата општа приватна болница „Ремедика“.
Додаде дека од барањата кои се позитивно решени во периодот јануари-мај 2013 година, 14 лекувања се обезбедени во рамки на овие договори, односно во приватните здравствени установи во државава.
ФОТО: МИА