Димовски: Годинава пченицата со подобар квалитет од лани

 

Околу 95.000 хектари пченица се посеани годинава и со оглед на временските услови очекуваме подобар квалитет од лани. Приносот ќе биде поголем во подрачјата со пообилни врнежи и најверојатно ќе се движи од 2,7 до 3 тони по хектар, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната посета на „Жито Лукс“.

- Минатата година имаше сериозни проблеми кои успешно ги надминавме токму во соработка со бизнис заедницата и со максимално разбирање на индивидуалните производители. Сакаме да ги исклучиме таквите критични ситуации. Веќе го подготвуваме акцискиот план во соработка со откупувачите и земјоделците за да обезбедиме услови за добар род и регуларен откуп, истакна министерот.

Истовремено, додаде, се води сметка за заштита на автохтоните сорти пченица како најотпорни на климатските промени кои го имаат зафатено подрачјето на државата.

- Ние сме една од петте држави кои се најизложени на последиците од климатските промени. Министерството во соработка со меѓународните институции предвидува сет мерки за успешно справување со нив. Еден од начините е производство и употреба на сертифицирано семе, посочи Димовски.

Посетата на „Жито Лукс“ е дел од подготовката за годинашната жетва. Компанијата е една од најстабилните партнери на Министерството за земјоделство и откупува најмногу пченица од домашно производство.

Нашата компанија континуирано вложува и во општествено-одговорни активности на територијата на целата Република Македонија. Овие активности станаа практика и со сигурност ќе продолжат, велат од „Жито Лукс“.

01.04.2014 - 15:01
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега