Објавен конкурсот за државната награда „Мајка Тереза“

 

Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ го распиша конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ кој ќе трае од 1  до 30 април. Иницијативите и предлозите за наградата треба да се достават на адресата Министерство за култура на Република Македонија - Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, ул.„Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61 - Скопје, Република Македонија.

Подносителот на иницијативата мора да го наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон. Текстот на иницијативата треба да се достави во 15 примероци, а трудови (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во еден примерок.

Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери. Наградата седоделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата. Може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ, на секој член на наградена група творци или екипа им се доделува диплома и подеднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ изнесува пет просечни месечни плати во Република Македонија исплатени во последните три месеци на тековната година.

Државната награда се доделува секоја година, а во една година може да се доделат најмногу до две награди.

 

28.03.2014 - 16:22
Фото: 
Дневник

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега