Мојсоска: Левица ќе има централна улога во обликувањето на политичките текови до локалните избори

 


,,Левица ќе има централна улога во обликувањето на политичките текови до локалните избори", истакна пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, во интервјуто за „Локално“, на прашањето за делувањето на Левица во 2025-та како изборна година. 

,,2025-та година е изборна и голема година за политичката сцена во Македонија. Како што покажуваат досегашните резултати, Левица успеа да се наметне како клучна политичка сила во Македонија, со јасна идеолошка позиција и директна комуникација со граѓаните. Во контекст на изборната година, партијата ќе продолжи со засилен теренски активизам, организирање на собири и користење на социјалните мрежи за ширење на својата порака", додава Мојсоска.

,,На парламентарните избори во 2024-та, постигнавме значителен успех со освојување на пратеничките места што овозможи партијата да стане главен критичар на власта и бранител на интересите на работниците и маргинализираните групи. Овој моментум, доколку се пренесе на локално ниво, може да значи дека Левица ќе се фокусира на општините каде што традиционално ужива силна поддршка, како што се Скопје, Велес и други урбани средини.

Локалните избори се одлична можност за Левица да ја потврди својата основна идеологија - борбата против корупцијата, клиентелизмот и неправдите на локално ниво. Позиционирањето на енергични кандидати со блискост до граѓаните во трката би можело да донесе нови победи за партијата. На изборите очекуваме влез во вториот круг во голем број урбани општини", вели Мојсоска.

За досегашното владеење на владината коалиција, Мојсоска истакнува дека „единствено што видовме е како партиската припадност повторно ја победува стручноста што е рак-рана на македонското општество и чии последици се далекуопсежни“.

03.01.2025 - 11:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега