Сервер: САД да ја притисне Грција за прием на Македонија во НАТО

 

Според Сервер, кризата во Украина е причина повеќе зошто проширувањето на НАТО мора да се деблокира на самитот во Британија, но за тоа ќе биде неопходен сериозен ангажман на САД.

- Сметам дека Вашингтон треба да сигнализира дека е подготвен да ги запре разговоите под покровителство на Обединетите нации, од кои досега не произлезе ништо, и да и каже на Грција дека Македонија наесен ќе стане членка на НАТО, заедно со Црна Гора. Украинската криза ја прави оваа ситуација поургентна. Важно е да и се прати порака на Русија дека НАТО се проширува кога сака и каде сака, без да води сметка за противењето на Русија. Црна Гора и Македонија не носат големи ризици за Алијансата, дури ќе донесат повеќе корист отколку товар, вели Сервер во неговото предавање за Македонија за студентите на приштинскиот колеџ ИСПЕ.

Според него, ако американскиот претседател ова јасно и го каже на грчката страна, ова ќе се случи, а во исто време Брисел мора да му каже на Скопје дека се уште мора да се постигне решение за спорот за членство во Европската Унија.

- Мислам дека нема надеж за прием на Македонија во ЕУ без да се реши спорот и дека тоа е општо прифатено од страна на политичарите во Скопје, изјави Сервер.

Тој додава дека има придвижување во САД поради кризата во Украина, но се уште нема поддршка за упатување на ваква дефинитивна порака до Грција, за прием на Македонија во НАТО есенва, согласно грчката обврска од Времената спогодба, и за напуштање на актуелниот став дека мора да се постигне договор со Грција пред приемот во НАТО.

Според американскиот професор, Атина секако би можела да го одбие ваквото евентуално барање и да го блокира приемот на Македонија во НАТО користејќи го правото на вето, но тоа би било голема грешка доколку Брисел и Вашингтон се подготвени да притиснат за ова прашање. Сервер истакна дека Македонија ги извршила потребните реформи за членство во НАТО и дава сериозен придонес кон мировните мисии н Алијансата.

Но, според Сервер, од другата страна, актуелниот грчки премиер Андонис Самарас јавно се има изјаснето дека за него најдобро решение е Македонија да се распадне по етнички линии. Сервер причината за овој став на Грција ја гледа во грчкиот страв од признавањето на постоењето на етничките малцинства, како што се македонското и албанското во таа земја. Според Сервер, политиката на Самарас ризикува потпалување на национализмот во Балканот, кој штетно ќе се одрази и врз неговата земја.

Во пресрет на изборите во Македонија, професорот Сервер одговараше и на прашања за политичката состојба во земјата, и спроведувањето на Рамковниот договор.

- Сметам дека Охридскиот рамковен договор е добар договор кој им го дава на Албанците тоа што го сакаа, но сега мора да се биде трпелив и да се работи, дури и со децении, за да се исполни. Мислам дека албанските партии во Македонија имаат доволно моќ, тие учествуваат во Владата, имаат секако моќ на локално ниво и значителна застапеност во Собранието. Би биле уште посилни ако македонската страна беше порамноправно поделена. Слабоста на СДСМ ги ослабнува и албанските партии, бидејќи го става Груевски во ситуација да не му се до толку потребни албанските гласови, оцени Сервер во предавањето за ИСПЕ.

Како иден развој на политичката сцена, професорот рече дека можеби е добро да се размислува за цврсти, меѓуетнички коалиции во кои политичарите би застапувале граѓани од повеќе етнички заедници.

- Неодмна во Вашингтон престојуваше хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ, која потсети дека излегуваме од фазата на политика на висока драма, на херојството на независноста, слободата и хрватскиот идентитет, и влегуваме во досадна политика да се обезбедуваат услуги, одржуваат улиците, регулираат пазарите... Македонската политичка поделба е исто така дизајнирана за херојска политика, а не за обебедување услуги. Затоа, големото прашање, според мене, е дали е подобро да се има меѓуетнички коалиции меѓу партиите, отколку сегашната поделба меѓу македонски и албански партии, заклучи Сервер. 

MIA

26.03.2014 - 16:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега