Македонија ќе добие лабораторија за јонизирачко зрачење
На Факултетот за електротехника и информациски технологии - Скопје наскоро ќе биде отворена лабораторија во која ќе се детектира храната која веќе била третирана со јонизирачко значење.
- Засега лабораторијата ќе се користи само за контрола што во Македонија како продукт влегува третирано со јонизирачко зрачење и каде се користи, односно дали од тие производи понатаму се прават нови производи во земјава, а во крајната фаза се размислува за воведување уред кој би ја зрачел храната и би го подобрувал нејзиниот квалитет, изјави проф. д-р Христина Спасевска, координаторот на проектот на паузата на Националната работилница чија цел е да се видат можностите за имплементација на технологии за јонизирачко зрачење за подобрување на квалитетот на материјалите и на храната во Македонија.
Јонизирачкото зрачење е технологија која е добро позната во светот и се користи четириесетина години за подобрување на својствата на полимерите и на другите материјали.
- Последните 20 години јонизирачкото зрачење се користи и за стерилизација на опаковките кои се користат за пакување на производите, но и за подобрување на квалитетот на храната. Производите третирани со јонизирачко зрачење траат подолго, но европската легислатива не е целосно ускладена кога станува збор за користење на таква храна. Засега единствен производ третиран со јонизирачко значење кој може да биде користен во Европа се зачините и чаевите, прецизира Спасевска.
Ив Хенон, експертот на Меѓународната агенција за атомска енергија рече дека јонизирачкото значење има широка употреба ширум светот, но се уште не и во Македонија.
- Токму затоа сум тука кај вас за да помогнам да се зголеми интересот кај индустријата и истражувачките организации за оваа корисна технологија. Таа има многу примени, почнувајќи од подобрувањето на пластиката, па до заштита на храната за да се направи побезбедна, рече Хенон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа