ВИДЕО: Големо апсење во Скопје и Кочани - еве ги деталите
Во голема полициска акција која од ноќеска се спроведува во Скопје и Кочани уапсена е поголема група лица кои организирале патувања за лажни азиланти од земјава и со тоа го злоупотребувале безвизниот режим.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против 41-годишниот И.А. од Кочани, 34-годишниот В.М. од Кочани и 35-годишниот Р.И. од Скопје, за сторени кривични дела „Злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот Договор“ по чл.418-д ст.1 и „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата од чл.418а, 418б и 418д“ по чл.418в ст.2 од КЗ на РМ.
Според податоците од полицијата, пријавените како и други лица со цел стекнување на противправна имотна корист директно или преку нивни соработници од подрачјето на Штип, Пехчево, Кочани и Виница, пронаоѓале лица, потенцијални баратели на азил за Европските земји и за истите организирале превоз од Р.Македонија до Германија и други западноевропски земји. Начинот на транспорт го организирале и вршеле на тој начин што по претходен договор за одреден паричен надомест, лицата лажни азиланти најпрво ги довезувале до Граничниот премин Блаце, а потоа илегално ги пренесувале преку село Блаце до ГП Хани Елези и откако ќе оствареле влез во Р.Косово биле преземани и со возила превезувани преку Р.Србија кон СР.Германија.
Завчера (12.03.) со примена на посебни истражни мерки документиран е транспорт кој го организирал пријавениот И.А. и за истиот го ангажирал пријавениот В.М. којшто со ПМВ Комби, марка „Рено“ со германски регистарски таблички организирале и оствариле превоз на вкупно шест лица од Пехчево и тоа од на релација - Кочани преку Штип и автопатот Велес-Скопје до одредена локација во близина на ГП Блаце. Во близина на село Блаце, И.А. и В.М. заедно со лицата бил пречекан од пријавениот Р.И., кој ги превзел, а потоа ги предал лицата на други лица-нивни соработници да ги пренесат пеш преку македонско-косовската граница, а В.М. и И.А. се упатиле на ГП Блаце за да остварат легален излез од Р.Македонија. Но по известување од страна на македонските полициски служби пријавените заедно со лицата што ги преввезувале се пронајдени од страна на полициските службеници на ГП Хани Елези кои ги вратиле и предале на македонските полициски службеници на ГП Блаце.
По лишувањето од слобода, со лицата кои биле превезувани е извршен разговор и утврдено е дека исите пред тргнувањето на пријавените им исплатите 300 евра, а договорено било по пристигнувањето во Германија да им дадат уште 850 евра. Од истите одземени се патните исправи, а за едно лице е утврдено дека истиот е потенцијален барател на азил во Р.Македонија и не му е дозволен излез од Државава.Пријавените по лишувањето од слобода се задржани во ПС Кисела Вода, а потоа однесени на распит кај Судија за претходна постапка во ОСС 1 Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа