Зоран Заев побара поддршка за Стево Пендаровски
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на денешното обраќање на 16. Конгрес ги повика партиските членови, но и граѓаните да го поддржат Пендаровски да биде избран за претседател на државата.
- Стево Пендаровски е човек со став, достоинство со личен професионален и морален интегритет и кредибилитет, човек од народот и мудар човек. Во важни моменти за државата учествуваше во донесувањето на најтешките одлуки што го вратија мирот, безбедноста и просперитетот на Македонија. Тој е човек кој ужива углед и дома, во нашата земја, но и во светот, кој ќе ги претставува интересите на сите граѓани на Македонија без разлика на нивната верска, национална, политичка и друга припадност, рече Заев.
Лидерот на партијата Заев обвини дека на граѓаните им е загрозена егзистенцијата, а мнозинството се потонати во сиромаштија.
Според него Македонија е изолирана држава и како што наведе, како во пајакова мрежа е заплеткана иднината на државата и перспективата на младите.
- Се сеќавате дека само неколку години по немилиот конфликт тогашната Влада на СДСМ ја донесе Македонија до кандидатски статус во ЕУ. Тогаш земјата беше дури и чекор пред Хрватска, а сега е далеку и зад Србија, БиХ и Косово, рече Заев.
Целта на СДСМ, како што нагласи, е да продлжи да ја гради, европската и просперитетна иднина на Македонија.
- Да застанеме рамо до рамо со граѓаните и да ги поведе во победничка битка за спас на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде Заев бара одредена бројка пратеници, но изминатите години ги имаше посакуваните бројки, нивни се речиси сите градоначалници а имаат и претседател на државата, но како што обвини не реши било какво прашање за државата.
По обраќањето на Заев Конгресот продолжи со работен дел кој е затворен за медиумите, по што се очекува обраќање да има кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа