Во новиот извештај за човековите права во Македонија наведени се и случаите на Кежаровски и Шиповиќ

 

Во новиот извештај за почитувањето на човековите права во Македонија се наведени и судските процеси против новинарот Томислав Кежаровски, осуден за издавање на името на заштитен сведок, и претседавачот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ, кој е обвинет за финансиски криминал.

Во извештајот на Стејт департментот, се наведува дека случајот на Кежаровски довел до меѓународни критики за селективна примена на правдата и мешање во судството, кои се посочени како главни проблеми за Македонија.

- На 21 октомври судот го осуди новинарот Томислав Кежаровски за откривање на идентитетот на заштитен сведок во текст кој го објави во 2008 година, и му изрече четири и пол годишна затворска казна, што е прв случај на осуда на новинар за неговото известување на суд. Кежаровски беше држен во продолжен притвор од 28 мај. Долгиот притвор и високата казна, која повеќе локални и меѓународни аналитичари ја оценија како претерана, предизвика силна критика од претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ, Европската федерација на новинари, локални политички лидери, невладини организации и новинарски здруженија, пишува во делот од извештајот кој се однесува на состојбата во Македонија.

Извештајот беше претставен од државниот секретар на САД Џон Кери, кој порача дека 2013 година била исклучително тешка година за почитувањето на човековите права во светот, посочувајќи го нападот со хемиско оружје врз цивили во сирискиот главен град Дамаск, трагичниот пожар во текстилна фабрика во Бангладеш и дискриминацијата врз хомосексуалците во над 80 држави во светот.

- Ние подготвуваме извештај за другите држави, но држиме висок стандард и за себе, и очекуваме одговорност за состојбата со човековите права и во нашиот дом. Знаеме дека не сме совршени, не зборуваме од позиција на ароганција, туку од загриженост за состојбата на човештвото. И на нашиот пат кон почитувањето на човековите права имаше контрадиции, но горди сме дека ниту една држава не дава поголема можност да се развива демократијата, и е повеќе посветена на човековите права, изјави секретарот Кери при претставувањето на извештајот.

27.02.2014 - 18:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега