Кои ги добија наградите за есеј во чест на поранешниот претседателот Борис Трајковски

 

Наградите за најдобар есеј, на тема „Верувам во Македонија“, кој беше објавен од Министерството за образование и наука, беа доделени во пресрет на одбележувањето 10 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски. 

Од 117 есеи на темата делото на Трајковски, 94 ги исполнуваа критериумите и биле оценувани од комисијата.

Првата и третата награда ја добија ученички од гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица, каде средното образование го завршил поранешниот претседател: Катерина Караманова (трета година) доби прва награда за  есејот „Пиреј“, а матурантката Елизабета Муканова за есејот „Детелинка“ ја доби третата награда. Втората награда и припадна на Марија Колевска, ученичка во прва година во средното скопско училиште „Михајло Пупин“, авторка на есејот „За Македонија“.

Наградите, кои се состојат од таблет-компјутер, монографија за претседателот Борис Трајковски и паричен дел од 15.000, 10.000 и 5.000 денари, им ги врачи министерот Спиро Ристовски, а од име на фондацијата „Борис Трајковски“  им ги честиташе сопругата на Трајковски, Вилма.

Министерот Ристовски рече дека не зачудува што најголем број од пристигнатите есеи биле токму од Струмица и струмичкиот регион, родниот крај на вториот претседател на независна Македонија (1999-2004).

- Есеите требаше да бидат оригинални, со силен израз и мисла која ја отсликува наведената тема на натпреварот и не подолги од 500 зборови. Беа разгледувани и оценувани од посебно формирана комисија, при што 23 од нив беа дисквалификувани бидејќи не ги исполнуваа условите од конкурсот, рече Ристовски. Тој им се заблагодари на сите учесници на натпреварот кои, како што рече, на  доследен начин, преку пишана мисла му оддадоа почит на еден од најголемите луѓе што ги имала Република Македонија.

За нивниот одѕив и за организацијата на конкурсот се забглагодари и Вилма Трајковска. - Есеите беа инспирирани од татковината и вредностите во кои веруваше Борис. Им честитам, а најмногу се радувам што две од нив се од родниот град на Борис, Струмица, од гимназијата во која тој заврши. Неговиот слоган ’Верувам во Македонија’ го следеше во целиот мандат, уште на почетокот на кампањата тој веруваше во Македонија, во младите, во образованието. Верувам дека тоа ќе биде водилка и во вашите животи, рече Вилма Трајковска.

Првонаградената средношколка, Катерина Караманова, изјави дека иако биле мали кога Трајковски беше претседател на РМ, слушале за неговите напори за подобра Македонија. - Оттаму ја црпевме и нашата инспирација за да ги напишеме овие есеи, рече Караманова. Таа и лани на ораторска вечер во Струмица освоила прва  награда за тема посветена на претседателот Трајковски. 

24.02.2014 - 15:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега