Темелко: Македонците во Албанија се дискриминирани

 

Македонската заедница во Албанија продолжува да биде дискриминирана. Не ни се признаваат ни почитуваат нашите легитимни права. Нашата положба е многу поразлична од она што се случува споредено со правата на Албанците во Република Македонија.

Тоа ни од далеку не може да се спореди. Ова меѓу другото го изјави Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец, Мала Преспа и лидер на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, за тиранската телевизија Ора њус.

Според него, едно од правата кои им се негираат е застапеноста на Македонците во власта и јавната администрација.

- Ние го немаме и основното право, образование на мајчин јазик. И во Мала Преспа каде сме признати како малцинство  недостасуваат учебници. А нас не има насекаде, во многу градови во Албанија, а посебно во областите Голо Брдо и Гора, каде и покрај нашите постојани барања, до сите досегашни влади да се признае статус малцинство, тие се оглушуваат, вели Темелко.

Ора њус во прилогот констатира дека голема конценрацијата на Македонците има и во околијата Корча.

- Иако точно не се знае колку брои македонската заедница во оваа околија, бидејќи не е направен попис, сепак се смета дека нив ги има околу 60 илјади, стои во прилогот.

Темелко се задржува и на Предлог законот за територијално-административна поделба во Албанија и  вонземиреноста на Македонците од неа, оценувајќи дека  со овој чекор на Владата ќе се засили процесот на асимилација и ќе се намалат нивните и така минимални права.

- Ние бараме новата територијална поделба да не влијае во нашата општина, која има 5.300 жители, а законот предвидува општините да имаат над 10 илјади жители. Ако се укине општината, се заканува асимилација на Македонците, вели Темелко, додавајќи дека поради важноста на прашањето имале средба со Илир Мета, претседател на албанскиот законодавен дом. -Тој ни вети дека реформата нема да ги погоди малцинствата, но ние Македонците и другите малцинства немаме добро искуство од ветувањата на политичарите, истакнува Темелко.

Според него, Македонците се лојални државјани на Република Албанија, но сепак, како што вели „ако некој посегне по нашето постоење, ние ќе ги преземеме сите мерки, па и бојкот и непослушност“.

- Укинувањето на општина Пустец ќе значи уништување на македонскиот културен идентитет на етничките Македонци. Тоа ќе биде катастрофа за македонскиот идентитет. Македонците во општина Пустец отсекогаш, и во претходниот комунистички систем, биле во посебна единица. Во новата општина кон која треба да се припои Пустец (Полени) Македонците ќе ги изгубат сите елементарни права на едно малцинство, бидејќи таа општина сега има доминантно албанско население, нагласува тој.

24.02.2014 - 10:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега