Пријавете се на конкурсот за стипендирање на талентирани ученици

 

Меѓународното Училиште НОВА и Меѓународната Фондација Борис Трајковски и оваа година ќе доделат три целосни и десет делумни четиригодишни стипендии за  школување на талентирани ученици  за учебната 2014/2015 година.

Рокот за поднесување на апликации трае од 17 февруари до 6 март. Условите за конкурирање опфаќаат солидно познавање на англиски јазик и математика како и одличен успех од петто до осмо одделение. При селекцијата, на кандидатите ќе им биде зададена тема за есеј и ќе бидат спроведени тестирања за проверка на знаењата по англиски јазик и математика. Најдобрите дваесет и пет кандидати ќе бидат повикани на интервју пред комисија, a конечниот список на добитници ќе биде објавен на 2 април.

Подетални информации во врска со конкурсот може да се добијат во администрацијата на НОВА, како и на интернет страната www.nova.edu.mk. Исто така, за сите оние кои се заинтересирани ќе се одржи информативна средба за ученици и родители на 27 февруари од 17.00 до 19.00 во просториите на училиштето НОВА.  

Програмата за стипендирање на талентирани ученици која започна во 2005 година досега има презентирано шест успешни генерации матуранти, кои своето образование го продолжија на врвни американски и европски универзитети. Минатогодишните целосни стипендисти го продолжија своето образование на Универзитетот Оксфорд, во Велика Британија, Јакобс универзитетот во Германија, и Универзитетот на Југоисточна Европа во Македонија.

 

Партнерството помеѓу НОВА и Фондацијата Борис Трајковски беше основано како резултат на тесната соработка помеѓу училиштето и покојниот претседател Борис Трајковски, како и поради фактот што филозофијата на работење на НОВА и нејзините воспитувачи беше во иста линија со вредностите и верувањата на претседателот Трајковски. Преку програмата за стипендирање, и двете институции учествуваат во поддршка на особено надарени ученици и идни лидери на македонското општество. 

19.02.2014 - 11:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега