"Нема подобра грижа за народот од отварањето работни места" - поставен камен-темелник во ТИРЗ во Ранковце

 

Во Ранковце денеска стартуваат градежните активности за новата технолошко-индустриската развојна зона. На настанот беше дел и премирот Никола Груевски кој истакна дека во зоната ќе се градат 18 градежни парцели организирани во два блока, а за изградбата на внатрешната патна, водоводна, канализациска и телекомуникациска инфраструктура Владата ќе инвестира околу 12 милиони евра.

- Локацијата на зоната е неслучајно избрана. Во близина се повеќе градови од североисточниот дел на земјата со многу жители кои можат да одговорат на потребите и барањата на инвеститорите за работна сила од најразличен карактер. Во близина се границите со Србија и Бугарија, а на околу 70 километри од аеродромот „Александар Велики“, во близина на зоната поминува Коридорот 8, тука е магистралниот пат, но и железничката линија кон Бугарија. Сето тоа им нуди можност на потенцијалните инвеститори да бидат одлично поврзани и да можат да извезуваат со брз и ефикасен транспорт кон нивната посакувана дестинација, истакна премиерот Груевски.

Премиерот најави и дека во иднина Владата ќе продолжи со инвестирање во зоните во патната и железничката инфраструктура и со презентациите на Македонија како поволна бизнис-дестинација.

- Повеќе значајни светски фирми веќе работат во Македонија. Дел од нив покрај својата првична инвестиција се решија и за втора инвестиција. Од друга страна, интересот за нови инвестиции е исто така голем, нагласи премиерот Груевски.

Вицепремиерот Владимир Пешевски кој исто така присуствуваше на поставувањето камен-темелник, истакна дека нема подобар начин да се покаже грижа за сопствениот народ од тоа да се отвораат нови работни места.

- Во услови на економска криза, еден од начините за нејзиното ублажување е создавање на услови за инвеститорите за тие да отвораат нови фабрики и нови погони каде луѓето ќе најдат место каде да заработуваат и да ја обезбедат иднината на своите деца, нагласи Пешевски.

 

05.02.2014 - 14:39
Фото: 
вмро-дпмне.орг

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега