Џафери-Шурман: Македонија и Холандија ќе ја продолжат одличната соработка во одбраната

 

Македонскиот министер за одбрана Талат Џафери денеска во Скопје оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Мариет Шурман. На средбата, информираат од Министерството за одбрана, била потврдена одличната соработка помеѓу двете земји во областа на одбраната.

Џафери се заблагодарил за континуираната поддршка на Кралството Холандија во развојот на капацитетите на Министерството за одбрана и на АРМ. Холандија, посочил Џафери, е наш докажан пријател и партнер, со кој неуморно ќе продолжиме да работиме на сопствениот раст и развој.

Во контекст на успешно реализираните проекти, Џафери го посочил и Проектот за развој на капацитетите за односи со јавност, особено во областа на издавачката дејност, кој продолжува и во 2014 година.

Шурман истакнала дека Кралството Холандија и натаму ќе ги поткрепува развојните и реформските процеси во Министерството за одбрана, но, ќе продолжи недвосмислено да ги поддржува и евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија и на промоцијата на почитувањето на човековите права, демократијата и еднаквоста.

Како што истакнуваат од МО, Република Македонија и Кралството Холандија имаат долга историја на соработка во областа на одбраната и безбедноста, која се карактеризира со висок степен на реализација на планираните активности на годишно ниво. Дел од тие активности се однесуваат на едукацијата и образованието, донации во опрема и реализација на проекти во различни области. 

31.01.2014 - 11:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега