Стечајците се заблагодарија на македонската Влада
Стечајците на денешната средба со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и се заблагодарија на Владата за мерките кои премиерот Никола Груевски ги промовираше на вчерашната прес-конференција.
Според Стојан Стојанов од Здружението на стечајни работници, со најновата владина одлука конечно ќе се реши статусот и на оние стечајци кои не беа опфатени со законот од 2008 година.
- Со ова конечно ќе се реши агонијата на овие стечајни работници. Бевме уверени дека Владата треба да најде модел како и стечајците кои не беа згрижени со законот, да бидат материјално обезбедени. Со доста разговори и преговори, Владата прифати овие луѓе со над 25 години работен стаж да бидат згрижени и конечно да се реши нивната агонија, изјави Стојанов по денешната средба со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Министерот Спасов оцени дека со оваа владина мерка се решава крупен општествен предизвик: - Со измените кои ќе ги направиме ги опфаќаме оние државни претпријатија кои влегле во стечај и по 2004 година. Со мерката ќе им се помогне на околу 3.000 граѓани кои останале невработени по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, истакна Спасов, додавајќи дека владината одлука е донесена по направена опсежна анализа.
Груевски синоќа обелодени дека со две крупни мерки кои се однесуваат на статусот на професионалните војници и на стечајците Владата го решава социјалниот статус на 7000 граѓани.
- Го задолжуваме Министерството за одбрана во рок од 10 дена да достави Предлог-закон со кој ќе се овозможи прераспределба на војниците во државна служба, соопшти премиерот Груевски на заедичката прес-конференција со сите владини министри и додаде дека ги задолжуваат Министерствата за Труд и социјала, како и Агенцијата за вработување да изготват законско решение со кое ќе се реши статусот и на социјалците кои останале без работа заклучно со 31.12.2013. За нив ќе важат сите услови како и за лицата кои беа опфатени со претходниот закон.
Владата за оваа намена ќе издвои 4 милиони евра пари од буџетот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа