Младеновска: Страшно, починале 20 бебиња за 6 месеци – СДСМ бара оставка од Таравари
Сериозно загрижувачки се статистиките за смртноста на деца во изминатите шест месеци, кажа денеска на прес конференција Рената Младеновска, членка на ИО на СДСМ.
„Во втората половина на 2024 година, починале 19 доенчиња и едно петгодишно девојче. Овие трагични бројки отвораат многу прашања за кои јавноста заслужува одговори“, вели таа.
Младеновска праша зошто и како се направени пропустите, каде затајува системот, дали се штитат лекарски грешки?
„Особено алармантен е последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести, кое било одбиено за хоспитализација, без да се издаде никакво образложение за причините. Ова е втор ваков случај за само два и пол месеци на Клиниката за детски болести, по трагичната смрт на 14-месечно бебе, кое исто така беше одбиено за болничко лекување. Понатаму, бебе старо само 8 дена донесено од Струмица во многу лоша здравствена состојба, почина од сепса и уште други трагични случаи“, вели Младеновска.
Според неа, овие бројки и случаи во здравствениот систем, особено случувањата на Клиниката за детски болести, не смеат да се игнорираат.
„СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и превземање на сериозна одговорност. Потребни се подлабоки анализи и превентивни мерки. Не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме! Ги повикуваме Министерството за здравство и сите надлежни институции итно да преземат мерки за превенција на ваквите трагедии. Здравјето и животот на најмалите мора да биде врвен приоритет во секој здравствен систем“, истакна Младеновска.
Таа нагласи дека СДСМ успеала значително да ја намали смртноста кај новороденчињата.
„Во 2016 година, смртноста изнесуваше 25%, а во 2023 година се намали на 5%. Неонаталната смртност СДСМ ја намали за 5 пати, во 2015 година изнесувала 6.8% а во 2022 година е намалена на само 1,4%о. Во 2015 година во времето на ДПМНЕ перинаталната смртност изнесувала 12.8%о а во 2022 година е намалена на 6.9%. СДСМ вложуваше во модерна опрема, инкубатори, респираторни машини, во стручен кадар и друго. Сега е крајно загрижувачки да гледаме како повторно расте ризикот за новороденчињата и децата. Ја повикуваме власта да не дозволи враќање на старите практики и бројки. Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој функционира превентивно, одговорно и во интерес на здравјето на граѓаните и нивните деца. Здравјето на мајките и новороденчињата мора да биде императив!“, заклучи Младеновска на прес-конференцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа