Вања комуницирала со момче од Шведска кое на профилот имало знамиња од ИСИС

 


Истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска била отежана од лажен пат кој ја оддалечи од вистинскиот сторител. Полицијата, водена од информации за комуникацијата на Вања со момче од Шведска чиј профил содржел симболи поврзани со ИСИС, се насочи кон терористички мотив, но истрагата не донесе резултати.

– Го проверивме профилот и забележавме дека на неговата страна имаше знамиња поврзани со ИСИС. Тоа го направи случајот уште посериозен и веднаш вклучивме колеги од други оддели за да ја провериме таа можна закана – рече Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал, кој денеска даде исказ во судот во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Се преземале обемни проверки, вклучително и соработка со шведските власти, како и проверки на границите, но истрагата не резултирала со конкретни наоди.

– Сите проверки беа негативни и оваа трага не водеше никаде. Изгубивме два дена работејќи на оваа теорија – сведочеше Димовски, објаснувајќи дека полицијата морала да одземе телефони и компјутери за детални анализи, кои траеле неколку дена.

18.10.2024 - 11:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега